Guest Post| Reporting from the front

Venice Architecture Biennale | 2016 | Reporting from the front


large_venice-architecture-biennale-2016-768x480

Градот Венеција секоја втора година е домаќин на најголемата интернационална изложба за архитектура во светот на која учествуваат повеќе од 50тина земји, меѓу кои и Македонија. Овогодинешната тема на изложбата е „Известување од фронтот“(Reporting from the front), а кураторот на петнаесеттото биенале е чилеанскиот архитект Алехандро Аравена, кој воедно оваа година ја доби и најпрестижната награда за архитектура – Прицкер. Изложбата е отворена за јавноста од 28 Мај до 27 Ноември 2016 на две локации во Венеција, Џардини и Арсенале.

Темата на биеналето оваа година има за цел да претстави нови перспективи и предизвици со кои се соочува архитектурата како дисциплина ширум светот. Симболичниот наслов „Известување од фронтот“ се однесува на многуте фронтови кон кои е ориентирана архитектурата денес, од основните физички потреби на животот на луѓето, до оние нематеријални димензии на човековата природа. Улогата на архитектурата во поширока смисла е подобрување на квалитетот на физичката средина и во таа смисла архитектите мора да одговорат на низа комплексни социјални, економски, политички и еколошки проблеми со кои се соочува човековото живеење. Па така, изложбата оваа година претставува заедничка платформа на која архитектите од различни делови на светот ги претставуваат локалните предизвици, искуства и проекти пред пошироката јавност.

Златниот лав за најдобар национален павилјон оваа година беше доделен на  Шпанија чии куратори се Ињаки Карнисеро и Карлос Кинтанс. Насловена „Недовршено“ (Unfinished), изложбата открива низа на недовршени објекти како последица од економската криза како и проектантски стратегии на локални архитекти кои заземаат оптимистички поглед кон физичката средина. И покрај ограничените ресурси со кои се соочува Шпанија во последните години, поставката изобилува со креативни решенија кои ги надминуваат материјалните стеги.

13918584_10153775594368457_964702832_o

Парагвајските архитекти Солано Бенитез, Глорија Кабрал и Соланито Бенитез кои ја добија наградата за најдобри учесници конструираа импресивна структура од едноставни материјали, тула и малтер, наменета за недоволно развиени заедници.

13918423_10153775594378457_564871839_o

Архитектонското студио NLÉ ја доби наградата за најдобар млад учесник за проектот за школо на вода (Makoko Floating School) во Лагос, Нигерија. Дизајнот на објектот е истовремено возвишен и прагматичен, и го потенцира значењето на образованието, сеедно дали се наоѓа во Венеција или Лагос.

13950608_10153775594383457_1547801135_o

Дел од овогодинешното биенале за архитектура во Венеција е и македонскиот павилјон “Ничија земја/ No man’s land”, лоциран во стариот воен локалитет Арсенале, во објектот Артиљерие, а за чиј дизајн се заслужни четворицата млади архитекти од архитектонското студио Stone Design – Стојан Павлески, Иван Симеонов, Ѓорѓи Радовановиќ и Љупчо Тасевски.

13391435_979172175529574_3805342214759217310_o

Павилјонот е во форма на тунел долг 15 метри, извиен како чаура. Тунелот е обложен со метален инокс и во него се поставени објекти од светски познати архитекти и неколку современи авторски објекти со песочна структура и боја.

Водејќи се од темата “Миграција”, авторите создале имагинарен град, истовремено обидувајќи се да посочат, но и да одговорат на одредени општествени, социјални и економски предизвици. Преслечени во теракота, иконичните објекти во тунелот се дематеријализирани, поставени во град кој постои, а  не постои, алудирајќи на универзалноста на архитектурата, просторот и објектите, со што се истенчуваат границите помеѓу приватното и јавното.